Македонија Два дена по веста на Порталб, Општина Тетово ги објави договорите на...

Два дена по веста на Порталб, Општина Тетово ги објави договорите на дело

Извор на фотографија: Општина Тетово

Само два дена по веста на Порталб.мк за необјавување на договорите на дело од страна на општина Тетово за првите три месеци од 2022 година, што според ветувањата на Oпштината требаше да се направи на крајот на март, општината денеска го објави документот; се работи за 78 договори во тек, од кои 30 се продолжени договори од претходната администрацијата, пишува Порталб.мк.

Меѓу имињата се лица блиски до партијата Движење Беса. Договорите се на период од два месеци, три месеци и една година. Од Oпштината соопштуваат дека во списокот се и договорите потпишани и од jавното комунално претпријатие „Тетово“ и од претпријатието „Градски паркинг“.

„Општина Тетово во првите три месеци годинава има склучено вкупно 78 договори. Од нив 30 се продолжени договори, склучени од претходната администрација. Од останатите договори, значителен број се ангажирани во Општинскиот инспекторат за одржување на редот бидејќи во оваа област има значителен недостиг. Исто така, некои договори склучени на 1 јануари годинава се главно административци ангажирани во Комисијата за легализација и урбанизам поради големиот обем на работа што овој сектор го има како резултат на големиот број предмети кои треба да се решат, со цел граѓаните да ги легализираат објектите навреме и согласно Законот за легализација. Друг дел е ангажиран според потребите во различни сектори, како што е кабинетот на градоначалникот, почнувајќи од организациониот дел, кабинетот за односи со јавноста итн.“, рекоа од Општина Тетово.

Од таму додаваат дека сите ангажирани со договор на дело, на крајот на месецот поднеле извештај за сработеното.

Целиот список може да го најдете подолу или со кликнување ТУКА.

Инаку, Општина Тетово сè уште не одговори на прашањата на Порталб.мк испратени на 1 април, а се однесуваат на договорите што ги имаше претходната администрација, и кои беа објавени пред извесно време, и тоа:

  1. Колкав е вкупниот износ што им е исплатен на вработените со договори на дело во 2021 година?
  2. Дали е подготвен списокот на оние кои поднеле извештај за работа? Ако го имате, испратете ни го, ако не, кога ќе биде готов?

Општина Тетово на 8 февруари го објави списокот на лица вработени во општината со договор за дело чиј број изнесува 812, но немаше информација за бројот на лица кои биле на работа и поднеле извештаи и колку пари добиле од даноците на тетовци, а притоа не работеле. Последен пат, градоначалникот во емисијата Клик Плус (14 февруари) објави дека се работи за 544 ангажирани лица, од кои 250 поднеле извештај, а 294 немаат поднесено извештај. Овие договори го чинеле буџетот на општината вкупно 1,1 милион евра.

Инаку, Касами пред да дојде на чело на општината вети редовна отчетност и транспарентна општина, што е дел на изборната програма за Тетово 2021-2025 година. Во програмата, меѓу другото, се нагласува: Редовна отчетност за трошењето на јавните средства, постапките на администрацијата да бидат проверливи онлајн за граѓаните и друго.