Македонија Дури 80 отсто од лекарите во земјава биле изложени на насилство на...

Дури 80 отсто од лекарите во земјава биле изложени на насилство на работното место

Минатата година беа направени измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствен работник при вршење на професионални работни задачи е насилство кон службено лице и е кривично дело за кое е предвидена казна затвор

Image by Sasin Tipchai from Pixabay

Податоците на Лекарската комора говорат дека 78 отсто од докторите, пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, а 80 отсто биле изложени на вербално насилство. Ова го истакна денеска министерот за здравство д-р Илир Демири, по повод одбележувањето на Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, 12 Март.

„Насилство врз здравствен работник е недозволиво и казниво со закон. Здравствените работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може да ни овозможат здравствена грижа и нега. Фрапантни се податоците, тие покажуваат во какво општество живееме. Во општеството мора да има нулта толеранција за насилство врз здравствени работници, затоа што насилството врз лекарите претставува и закана за грижата за пациентите“, вели Демири.

Тој потсети дека минатата година биле направени измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствен работник при вршење на професионални работни задачи е насилство кон службено лице и е кривично дело за кое е предвидена казна затвор.

„Важно е да се истакне дека Лекарската комора прибира податоци за нападите врз лекарите за да може активно да го следи постапувањето на надлежните институции, но и за да предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството. Единствен начин на кој комората може да прибира податоци е доколку лекарите по пријавувањето во полиција за инцидентот ја информираат и комората. Пријавете насилство врз лекари на официјална веб-страница на Лекарската комора: www.lkm.org.mk“, рече Демири.