Македонија ДУИ бара аболираните да му пишат на Иванов, а тој веднаш да...

ДУИ бара аболираните да му пишат на Иванов, а тој веднаш да ја повлече одлуката

Демократската унија за интеграција (ДУИ) попладнево преку соопштение го поздрави донесувањето на измените на Законот за помилување во Собранието и побара од аболираните лица да бараат од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да ја повлече одлуката, а од него веднаш да дејствува.

„По создавањето на законските услови за повлекување на одлуката за помилување, ДУИ, како потписник на Договорот од Скопје за надминување на политичката криза, бара г-дин Иванов да дејствува веднаш во согласност со неговите јавни изјави и да ја промени својата одлука за помилување. Исто така, Демократската унија за интеграција ги охрабрува сите 56 помилувани лица што е можно поскоро да упатат барања до г-дин Иванов за да се повлече одлуката која беше донесена без нивна согласност и да овозможат правдата да ја обелодени вистината“, стои во соопштението на ДУИ.

Од партијата додаваат дека со прецизност ќе работи на реформирање на институциите во согласност со очекувањата на меѓународната заедница и ги повикуваат другите парламентарни партии на „конструктивен начин да го помогнат сложениот реформскиот процес за доаѓање до веродостојни и сеопфатни избори“.