Македонија Државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ доделена на Мишко Иванов и...

Државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ доделена на Мишко Иванов и Ненад Георгиевски

Наградата на лауреатите во име на комисијата им ја врачи истакнатиот долгогодишен уредник и новинар Љупчо Поповски

фото: Мета.мк

На церемонија во Собранието, денеска државната награда за остварувања во новинарството и публицистиката „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ им беше врачена на Мишко Иванов и Ненад Георгиевски.

Мишко Иванов ја доби наградата за остварувања во полето на новинарството. Како што одбележува комисијата за доделување на наградата, станува збор познат уредник, новинар и водител, кој во моментов на пошироката јавност ѝ е најмногу познат како автор на емисијата „Патот до успехот“, што се емитува веќе 10 сезони. Иванов новинарската кариера ја почнува уште во 1997 година.

Ненад Георгиевски, добитник на наградата „Јасмин“ за публицистика, според комисијата, е специфична појава во современата историја на музичкото новинарство во Македонија. Тој повеќе од две децении е неуморен проследувач на културната сцена, објавувајќи свои прилози, рецензии и интервјуа во неколку меѓународни и домашни медиуми посветени на музиката и културата воопшто, како и автор на четири книги посветени на музиката и творците.

Наградата на лауреатите во име на комисијата им ја врачи истакнатиот долгогодишен уредник и новинар Љупчо Поповски.