Македонија Дождот привремено го намали загадувањето

Дождот привремено го намали загадувањето

Високото ниво на загаденост на амбиенталниот воздух во последните два дена е намалено како резултат на врнежите од дожд и на ветерот. Речиси сите мерни станици на Министерството за животна средина покажуваат многу ниско присуство на канцерогените ПМ10-честички и ПМ2,5-честички.

Единствено мерната станица во Битола покажува средно ниво на загадување.

Во скопски Центар синоќа, во 22 часот, беа измерени 300 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар, а утринава – 22 микрограми од дозволените 50 микрограми. Во Карпош и во Лисиче во 22 часот имаше 8 пати поголема загаденост, односно 400 микрограми, а утринава присутноста на штетните микрочестички е намалена на 12 микрограми на еден кубен метар.

Гази Баба вчера во 23 часот имаше концентрација од 350 микрограми честички на еден метар кубен, а утринава тој број е намален на 50, односно на границата на дозволеното.

Во Куманово синоќа беше петпати позагадено, а утринава концентрацијата на канцерогените честички изнесува 20 микрограми. Слична е и ситуацијата со Тетово, каде синоќа беа измерени 150 микрограми честички на еден кубен метар, а утринава нивната присутност е намалена на 20 микрограми.

Изминатата недела во Скопје во вечерните часови загадувањето достигнуваше и до 700 микрограми на еден кубен метар што е за 14 пати повеќе од дозволените 50 микрограми.

Вчера Либерално-демократската партија предложи да има државни инвестиции во производство на енергија од обновливи извори, итна забрана на увоз на стари возила, стимулација на користење на електрични возила, како и изградба на подземни сообраќајници во големите градови, за да се намали загадувањето.

– Загадувањето на амбиентниот воздух е една од најголемите закани по здравјето на граѓаните. Веќе години наназад Скопје, но и другите градови во Македонија, особено Тетово и Битола, се едни од најзагадените градови во Европа. Енормното загадување на воздухот е причина за големата смртност и за предизвикување на сериозни заболувања во Македонија – истакна потпретседателот на ЛДП, Зоран Шапуриќ.