Македонија Дончев: Нема земање лек без лична карта, ова го правиме за да...

Дончев: Нема земање лек без лична карта, ова го правиме за да имаме контрола

Од први октомври стартуваат новините при издавање и подигање лекови. Ден Дончев, директорот на Фондот за здравство, денеска на брифинг со новинарите рече дека за половина месец се укинуваат квотите, односно ќе стартува т.н. нулта фаза, која предвидува при потпишување рецепт и при подигање на лекот, да се покаже лична карта или пасош.

– Рецептите на хартија ќе се елиминираат, а ќе се воведат електронски рецепти. Ќе се воведе систем на скенирање на документите, преку што ќе се води евиденција на издадени и подигнати лекови и рецепти. За деца, лекови ќе може да подигаат нивните родители, со приложување лична карта. Тоа ќе може да го направи и некој кој не е родител, сѐ што треба е да покаже своја лична карта. Лек од аптека ќе може да подигне некој за трето лице, приложувајќи своја лична карта, но ќе мора да го каже бројот на лична карта и на оној за кого лекот е наменет – вели Дончев.

Од 1 октомври ќе се воведе и т.н. систем на црвени знамиња, односно ќе се контролира и следи колку рецепти издале докторите.

– Секој граѓанин во просек подига по два рецепти месечно. Ако докторот издавал 20, а потоа издава на пример 40 рецепти, тоа е индикација за проверка. Ако се тие рецепти валидно, односно оправдано издадени, никому ништо – појасни Дончев.

Орхан Рамадани, заменик-директорот на ФЗО, рече дека независно од тоа дали се работи за хронично болни пациенти или не, лековите ќе можат да си ги подигаат со приложување на лична карта, а во нивно име ќе може тоа да го прави и друго лице.