Македонија До крајот на неделава ќе преовладува многу топло време, апел за рационално...

До крајот на неделава ќе преовладува многу топло време, апел за рационално користење на водата

Фото: Kseniia Zaitseva on Unsplash

Од денеска до крајот на оваа седмица, под влијание на топла воздушна маса од југ, времето во земјава ќе биде многу топло, со натпросечни температури за овој период од годината, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во следните денови на повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени.

„Најтопло ќе биде од среда до недела, кога ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури, а вредноста на УВ индексот ќе изнесува 9. Наместа долж Повардарието температурата ќе го надмине и 40-тиот степен“, информираат од УХМР.

Покрај опасноста за граѓаните од топлото време, надлежните институции апелираат за внимателно однесување во шумите, каде што опасноста од пожари поради топлото време е голема.

И од јавното претпријатие „Водовод и канализација“-Скопје денеска упатија апел до граѓаните рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури. Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви.

„Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, од каде се најавуваат високи температури кои деновиве ќе достигнат и над 40 °C, како и податоците на ЈП Водовод и канализација – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови“, напоменуваат од ЈП „Водовод и канализација“.