Економија Дизелот поевтинува за два и пол денари по литар

Дизелот поевтинува за два и пол денари по литар

фото: Мета.мк

Малопродажната цена на дизел горивото се намалува за два и пол денари за литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) согласно својата најнова одлука.

Ова е четврто по ред поевтинување на дизелот во изминативе седум дена. За една седмица, цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намали за вкупно осум и пол денари за литар.

Со најновото поевтинување, од ноќеска на полноќ дизел горивото на бензинските станици низ земјава ќе се продава по цена од 76 денари за литар.

РКЕВУ информираше дека поевтинува и Екстра лесното масло за домаќинство и тоа за два денара за литар и од вечерва ќе чини 75 денари за литар.

Во меѓувреме, цените на бензините не се менуваат. ЕУРОСУПЕР БС-95 и понатаму ќе се продава по цена од 82 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 и понатаму ќе чини 84 денари за литар.