Македонија Дипломатите оценија: Спорот за името е главна пречка во евроинтеграциските процеси

Дипломатите оценија: Спорот за името е главна пречка во евроинтеграциските процеси

Спорот за името со Грција е најважното прашање што Македонија мора да го реши бидејќи тоа е најголемиот проблем што ја сопира државата во процесот на пристапот кон члество во Европска Унија. Ова е генералниот заклучок од дебатата на тема „Евроинтеграциските процеси на Република Македонија од гледиштето на дипломатијата“, која ја организираше Европското движење во Република Македонија.

Проф. д-р Димитар Мирчев, поранешен амбасадор на Република Македонија во Ватикан и во Словенија, смета дека во ЕУ нема голема заинтересираност за решавање на спорот со Грција.

– Мислам дека е многу добро што јавноста почна да сфаќа дека членстото во Европска Унија не зависи од нас, туку дека најголемиот проблем е спорот за името со Грција, како и дека во ЕУ нема некое големо расположение за решавање на ова прашање – вели Мирчев.

Тој додаде дека проблем е и тоа што македонските дипломатски претставништа не се соодетно опремени, ниту кадровски, ниту материјално.

На него се надоврза и поранешниот амбасадор и дипломат, Ристо Никовски, кој истакна дека спорот за името преставува поголем проблем и од меѓуетничките односи, и од сиромаштијата и од невработеноста бидејќи е пречка за одење напред.

Амбсадорот на Македонија во Белгија, Мухамед Халили, вели дека Македонија мора да развие добри односи со земјите-членки на ЕУ доколку сака помош во процесот на евроинтеграција.

– Тоа што е важно за сите земји-членки на ЕУ е дека политиката се креира во престолнините на членките, а се финализира во Брисел. Важно е да развиваме силни политичко-економски односи со сите земји-членки на Унијата за да ги придобиеме да нè поддржат во преговорите со неа – вели Халили.

Дебатата ја заврши директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, кој смета дека недостига координираност помеѓу Министерството за надворешни работи и граѓанските организации, кои во голем дел имаат активно учество во процесите на соработка со меѓународните институции.