Македонија Димовски: Ќе ги поддржиме законите поднесени од СДСМ по скратена постапка

Димовски: Ќе ги поддржиме законите поднесени од СДСМ по скратена постапка

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија имаат намера да гласаат позитивно за трите закони по скратена постапка што се поднесени од СДСМ, но бараме политички начин да извршиме притисок врз СДСМ тие да гласаат за трите закони што ги поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, рече денеска на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Тој додаде дека законите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се за зголемување на платата во јавниот сектор, за обезбедување ваучери за набавка на компјутери и компјутерска опрема за студентите, како и за намалување на трошоците и на каматите во постапките за извршување преку извршителите и нотарите.

Според Димовски, на денешната Комисија за европски прашања по однос на Законот за употреба на јазиците им било оневозможено гласање, со тоа што претседателот на Комисијата, Артан Груби, не дозволил да се гласа поединечно за законот.

– Нашиот став останува ист – дека законот за употреба на јазиците е надвор од Уставот, не е во рамки на Охридскиот договор и е дискриминирачки спрема македонскиот јазик, но и спрема јазиците на турската, бошњачката, српската, ромската и на влашката заедница во Република Македонија – додаде Димовски.