Македонија Димитров и Гарет разговарале за реформските приоритети

Димитров и Гарет разговарале за реформските приоритети

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска се сретна со британскиот амбасадор Чарлс Гарет, со кого разговарал за остварувањето на надворешно-политичките приоритети на новата реформска влада, со акцент на силната определба за зацврстување на владеењето на правото и на демократијата во земјата.

Димитров и Гарет разговарале и за имплементирањето на итните реформски приоритети, при што Димитров искажал подготвеност за засилена дипломатска активност за ЕУ и за НАТО-интеграциите, но го нагласил и очекувањето за добивање конкретни сигнали од стратешките партнери на Македонија.

„Амбасадорот Гарет ја поздрави заложбата на новата влада за имплементација на реформската агенда и заживување на евроатлантскиот интегративен процес, при што уште еднаш ја потврди посветеноста на Обединетото Кралство за поддршка на Република Македонија во остварувањето на нејзините надворешно-политички приоритети“, информираат од МНР.

На средбата биле разменети мислења и за последните политички случувања во Обединетото Кралство, особено во контекст на почетокот на преговорите за излез на земјата од ЕУ, безбедносните предизвици по терористичките напади во последните месеци, како и заемната подготвеност за унапредување на партнерските односи во сите сфери од заемен интерес и по Брексит.