Македонија Димитров и Дачиќ задутре во Ниш ќе ги затоплуваат меѓусоседските односи

Димитров и Дачиќ задутре во Ниш ќе ги затоплуваат меѓусоседските односи

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров и неговиот српски колега Ивица Дачиќ денеска ги поздравија принципите за надминување на тензиите меѓу Србија и Македонија, договорени од македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Дачиќ во телефонскиот разговор со Димитров соопштил дека вработените во српската амбасада утре ќе се вратат во Скопје и дека амбасадорот наскоро исто така ќе се врати во Македонија.

Димитров и Дачиќ, во контекст на мерките за затоплување и унапредување на односите меѓу двете земји, договориле задутре (петок) да се сретнат во Ниш.

Претходно Заев и Вучиќ, телефонски разговараа за новонастанатата ситуација на релација Скопје – Белград и се согласија прашањето да се реши преку дијалог.

Заев и Вучиќ се договориле и за интензивирање на меѓусебната комуникација на највисоко ниво и на взаемната поддршка на патот кон ЕУ и НАТО.

Официјален Белград во саботата го повлече целиот персонал од српската амбасадата во Скопје и ги обвини македонските власти за „многу офанзивни разузнавачки активности“ насочени против Србија.