Македонија Димитров до новата амбасадорка на САД, Кејт Брнз: Доаѓате во време на...

Димитров до новата амбасадорка на САД, Кејт Брнз: Доаѓате во време на можности

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, која му ги предаде копиите на акредитивните писма за нејзино именување за амбасадор на САД во земјава, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР)

– Доаѓате во време на можности. Имаме многу направено во правец на исполнување на нашите клучни стратешки цели, иако останува уште работа пред нас. Нашиот прогрес ќе овозможи позитивно да влијаеме врз европскиот и евроатлантскиот пат на регионот – рекол Димитров на средбата.

Министерот за надворешни работи изразил очекување дека исклучително позитивниот тренд на односите меѓу двете пријателски земји ќе продолжи успешно да се развива и за време на нејзиниот мандат. Притоа, Димитров се заблагодарил за континуираната и цврста поддршка од САД за остварување на евроатланските аспирации на нашата држава и изразил увереност дека истата ќе продолжи со несмален интензитет и во иднина, соопшти МНР.

Новата амбасадорка на САД, која денеска ги предаде акредитивните писма и на претседателот Стево Пендаровски, на средбата со Димитров рекла дека ќе придонесува за зајакнувањето на односите меѓу двете држави.

-Извонреден напредок е направен во Северна Македонија. Важно е да се искористи овој момент кон отворање нови можности и перспективи за државата – рекла Брнз.