Македонија Димитар Ковачевски ја презеде премиерската функција од Зоран Заев

Димитар Ковачевски ја презеде премиерската функција од Зоран Заев

Фото: Влада на република Северна Македонија

Новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски утрово ги презеде функцијата и кабинетот од досегашниот претседател на на Владата, Зоран Заев.

Во работната агенда на Ковачевски уште денеска е средбата со германската министерка за Европа, Ана Лирман, а утре ќе се сретне со бугарскиот премиер Кирил Петков.

Денес новата Влада ќе ја има и првата седница. Новиот премиер на својот Фејсбук профил напиша дека веднаш ќе се отпочне со носење на решенијата за енергетската криза.

„Покрај мерки за справување со економската криза, продолжуваме со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Верувам дека ќе успееме да работиме и подобро и поефикасно. Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. Доаѓа ново време, доаѓа подобро време“, напиша Ковачевски по изборот на новата Влада.

Новата Влада предводена од Ковачевски беше избрана синоќа во Собранието со 62 гласа „за”, 46 „против” и без воздржани.