Македонија ДИК рачно ги проверува записниците, неофицијалните конечни резултати попладне

ДИК рачно ги проверува записниците, неофицијалните конечни резултати попладне

Фото: Арбнора Мемети

Од утрово повторно функционира веб страната на Државната изборна комисија (ДИК), откако синоќа падна во времето кога требаше да се објават конечната излезност на парламентарните избори и првичните резултати.

Сега во функција се и веб страните izbirackispisok.gov.mk и prigovori.sec.mk, но јавноста и понатаму нема увид во резултатите од изборите и конечната распределба на мандати бидејќи нема пристап до линкот https://rezultati.sec.mk/ каде треба да се објават истите.

Од ДИК се обратија преку електронска пошта со кратко соопштение до медиумите во кое велат дека сè уште рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места и општините.

„Државната изборна комисија Ве информира дека сè уште се врши прием на материјалот од општинските изборни комисии и при тоа рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16), како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати“ соопштија од ДИК.

Оттаму не дадоа конкретен термин кога ќе одржат седница, само кусо информираат дека неофицијалните конечните резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница, за која „благовремено ќе известат“.