Дигитални права Дигитализацијата една од темите на „Старт-ап самит 2018“ во Софија

Дигитализацијата една од темите на „Старт-ап самит 2018“ во Софија

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорот на фондот за иновации, Јован Деспотовски, денеска оствариле работна средба со еврокомесарката за дигитална економија и општество Мариа Габриел во рамки на „Старт-ап самит 2018“ (Startup Summit 2018), што денеска се одржува во Софија.

На средбата разговарале за повеќе теми од областа на дигитализацијата на Македонија и за соработката помеѓу државите од Западен Балкан.

„Министерот Манчевски ја претстави идејата и подготвеноста на Македонија да се приклучи кон иницијативата „5Г“ прекуграничен Коридор за автопатишта, што претходно беше потпишан од страна на Србија, Бугарија и Грција. Еврокомесарката Габриел ја поддржа спремноста на Македонија и понуди целосна помош од Европската комисија за реализација на оваа идеја“, информираат од Министерство за информатичко општество и администрација.

Манчевски и Деспотовски го претставиле концептот на Научно-технолошкиот парк што е во финална фаза на подготовка.

Габриел, ја повторила важноста од приклучување на Албанија и Косово, кон договорот потпишан помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, за намалување на цените во роаминг, што понатаму би прераснало во целосно укинување на цените во роаминг за земјите од Западен Балкан до 2021 година.