Македонија Џолев смета дека приведувањето на пратениците било согласно закон

Џолев смета дека приведувањето на пратениците било согласно закон

Приведувањето и притворањето на шестмината пратеници, осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година е извршено законски и не е прекршено правото на пратенички имунитет, смета претседателот на Кривичниот суд во Скопје, Иван Џолев, потенцирајќи дека тоа е негов личен став.

Џолев на денешниот брифинг со новинарите рече дека треба да се прави терминолошка разлика и дека правото на имунитет се однесува на притворањето, но, не и на приведувањето.

Судиите, рече Џолев, најверојатно имале дилеми дали пратениците да бидат привилигирани околу приведувањето во однос на другите осомничени, но, одлучиле тие да бидат приведени како и останатите.

Пратениците беа притворени дури откако им беше симнат имунитетот, рече Џолев, додавајќи дека околу ова прашање не го дели ставот со некои од правните експерти и Народниот правобранител дека во случајот биле прекршени процедурите.

Народниот правобранител кон крајот на декември, минатата година соопшти оти констатирал дека полицијата го повредила правото на пратeнички имунитет и начелото на презумпција на невиност при приведувањето на тројца пратеници на 28 ноември, лани, кога Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја отвори истражната постапка против 36 осомничени за насилствата во Собранието од 27 април.

На ваквата констатација постојано се повикува опозициската ВМРО-ДПМНЕ од чии редови се притворените пратеници, кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.