Свет Десет морнари исчезнати по судир на американски воен брод и танкер кај...

Десет морнари исчезнати по судир на американски воен брод и танкер кај Сингапур

Десет морнари се водат за исчезнати, а пет се повредени откако американски воен брод се судри со танкер за нафта источно од Сингапур, соопшти американската морнарица, потсетувајќи дека ова е втор инцидент на американската морнарица во азиските води за помалку од два месеца.

Американскиот разорувач „Џон С. Мекејн“ се судрил со трговскиот брод „Алник МЦ“ во раните утрински часови, додека се движел кон пристаниште во Сингапур.

„Првите извештаи покажуваат дека оштетена е крмата на бродот Џон С. Мекејн. Во моментов 10 морнари се водат за исчезнати, а пет се повредени“, стои во соопштението.

Четворица од повредените морнари со хеликоптер се пренесени во Сингапур и не се во животна опасност, додека петтиот морнар се здобил со полесни повреди.

Во потрагата по десеттемина морнари учествуваат сингапурски бродови и хеликоптери.

Властите во Малезија соопштија дека несреќата се случила во нивните води во Јужното Кинеско Море и дека нивните екипи исто така учествуваат во потрагата по исчезнатите.

Засега нема знаци дека нафтата се излеала во морето од бродот „Алник МЦ“, кој превезувал 12.000 тони нафта. Бродот има мали оштетувања на предната страна, но над нивото на водата.