Галерија Демонстрантите ја обоија и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги

Демонстрантите ја обоија и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги

Граѓаните што денеска протестираат во центарот на Скопје, ја обоија новата зграда на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги и на Агенцијата за млади и спорт. Тие извикуваа „Ова беше парк“ и „Боја“ и фрлија неколку дестици топки со боја кон објектот, кој сега е обоен во боите на, како што велат демонстрантите, „Шарената револуција“, што симболично означува дека „Македонија се бои со слобода и со демократија“.

Претходно, граѓаните организирани од здружението „Протестирам“, се собраа пред Специјалното јавно обвинителство каде што традиционално дадоа поддршка на работата на оваа институција.

Додека маршираа, демонстрантите извикуваа „Оставка“, „Нема правда, нема мир“, а од едната страна на булеварот Климент Охридски имаше поставено озвучување од каде што ечеше песната „Во борба македонски народе“.

Протестот пред Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги помина во мирна атмосфера. Од таму граѓаните се упатија кон Влада каде што го продолжуваат протестот.

На протестите изминатите денови, демонстрантите фрлаа боја и кон Министерството за правда, Министерство за култура, бараките на Град Скопје, на Владата и на Порта „Македонија“.