Главна секција ДЕМАНТ: При пречек на странски државници секогаш се интонираат кратките инструментални верзии...

ДЕМАНТ: При пречек на странски државници секогаш се интонираат кратките инструментални верзии на химните

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Владата на Република Северна Македонија најостро ги демантира дезинформациите дека намерно се изоставени одредени делови односно стихови од химната на Северна Македонија за време на посетата на бугарскиот премиер, Кирил Петков.

Од Владата велат дека, согласно воениот и државен протокол, при пречек на странските државници на највисоко ниво секогаш и без исклучок Воениот оркестар на АРМ интонира инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали.

„Оттука, дезинформација е дека химната односно стихови од химната биле скратени од било кои причини специфично за оваа посета“, потенцираат од Владата.

Велат оти е дезинформација дека кој било стих од химната бил скратен бидејќи стихови воопшто не се изведуваат при вакви церемонии.

„Ова е востановена пракса во протоколите за пречек, како во Северна Македонија така и во светски рамки“, велат од Владата.

Посочуваат дека тоа лесно може да се утврди и со прегледување на снимките на сите претходни пречеци на државници на највисоко ниво кои ја посетувале Република Северна Македонија достапни на Јутуб каналот на Владата.

Владата бара медиумите и порталите кои ги објавија неточните информации во целост да го објават овој демант и да ја повлечат изнесената дезинформација.