Македонија Даниелсон: Фокусот да се насочи кон реформите, а не кон предвремени избори

Даниелсон: Фокусот да се насочи кон реформите, а не кон предвремени избори

Кристијан Даниелсон, директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, на денешната прес-конференција во ЕУ Инфо центарот порача дека фокусот треба да насочи на реформите во пресрет на јуни кога Советот на ЕУ ќе одлучува за отворање на пристапните преговори, а дека предвремените избори ќе го одземат тој фокус и потребната енергија.

– Фокусот треба да биде на испорачување резултати. Таму треба да бидат насочени напорите. Веруваме дека предвремените избори ќе го одземат тој фокус и нема да бидете во можност да ја дадете потребната енергија се со цел да се адресираат останатите отворени прашања. Тука зборуваме за реформите во судството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, реформата на безбедносните служби и функционирањето на јавната администрација – истакна Даниелсон.

Според него не станува збор само за законодавството, туку треба да се види и имплементацијата односно спроведувањето на законите.

Нагласи дека извештајот за земјата веќе се пишува и оти ЕК останува силно посветена да ги поддржи напорите за испорачување на реформите.

– Започнавме со подготвителната работа на извештајот и одблизу го мониторираме процесот кој ќе биде постигнат во сите сфери и области. Можам да ве уверувам дека ние ќе продолжиме да ги поддржуваме овие напори со сите средства кои ги имаме, тука зборуваме за техничка експертиза но и со важната финансиска помош која се обезбедува од ЕУ. Нашата определба е да ве поддржуваме во исполнувањето на оваа стратешка цел, токму поради следните чекори ќе бидат многу важни на патот за почнување на пристапните преговори – рече Даниелсон.