Македонија „Да не си играме со здравјето!“ – почнува нова кампања за имунизација

„Да не си играме со здравјето!“ – почнува нова кампања за имунизација

Кампањата треба да ги потсети родителите и старателите дека кога се пропушта или одложува вакцинацијата, децата и заедниците се изложени на ризик од болести што може да се спречат со вакцина

Извор на фотографија: Министерство за здравство

Министерството за здравство и УНИЦЕФ со поддршка на УСАИД од денеска почнуваат со нова фаза од кампањата „Заштитени заедно – вакцините делуваат“, под мотото „Да не си играме со здравјето!“, со цел на граѓаните и понатаму да им се обезбедат точни и навремени информации за вакцините и имунизацијата.

Како што соопштија од УНИЦЕФ, комуникациската кампања е дел од серијата активности за да се поттикне вакцинирањето по нарушувањето предизвикано од пандемијата со ковид-19. Кампањата има за цел да ги потсети родителите и старателите дека кога се пропушта или одложува вакцинацијата, децата и заедниците се изложени на ризик од болести што може да се спречат со вакцина.

„Иако по пандемијата со ковид-19 се забележува пораст во опфатот со вакцинација, неопходно е тековно обезбедување точни и навремени информации за вакцините коишто можат живот да спасат. Во таа насока, на почетокот од годинава ја креиравме веб-страницата е-zdravstvo.mk, со потврдени и стручни информации за важноста на редовната вакцинација и други теми од областа на здравството, како што се дигитално здравство, апликацијата ‘Мое здравје’, тековни скрининзи и други информации значајни за заштита на здравјето. Таму може да се најдат сигурни информации за вакцините што се даваат во земјата според националниот календар и за болестите што може да се спречат преку вакцинација. Во текот на годината, работевме на повеќе фронтови за да можеме да постигнеме опфат со вакцини над 90-95 отсто на национално ниво за сите редовни вакцини“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.

фото: УНИЦЕФ

Покрај оваа кампања, Министерството за здравство и УНИЦЕФ, со поддршка на УСАИД работат на интегрирање на систем за управување со неточни информации во рамки на националните структури за донесување одлуки. Тековниот дијалог меѓу здравствените работници, експертите и медиумите придонесува за позитивна промена во однос на ставовите за вакцините.

„Во текот на годината соработуваме со партнерите за да ја подобриме довербата во научните наоди за вакцините. Се забележува дека има зголемено позитивно мислење за вакцините, што е ветувачки, бидејќи има многу неточни информации за вакцините што циркулираат во онлајн светот. Погрешните информации се опасни, создаваат плодна почва за појава на болести, а родителите и старателите  имаат потреба од континуиран пристап до сигурни информации. Вакцинирањето на децата не е избор, туку одговорност. Вакцините ги штитат децата, возрасните и заедниците“, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

Кампањата „Да не си играме со здравјето!“ ќе се спроведува во следните месеци низ целата земја, а претставува продолжение на кампањата од почетокот на годината, во која се вклучија здравствените работници, педијатри, лекари од пунктовите за вакцинација и гинеколози за да зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата, но и за придобивките од рутинските вакцини во детството, како најефикасен начин да се заштити здравјето на децата.