Ctrl - Z Царовска: Засега не се предвидени нови мерки во училиштата бидејќи таму нема...

Царовска: Засега не се предвидени нови мерки во училиштата бидејќи таму нема ширење на заразата со ковид-19

Фото: МОН

Состојбата во училиштата е стабилна, нема ширење на заразата со ковид-19, изјави денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска на новинарско прашање поврзано со предвидени нови заштитни мерки од корона вирусот, имајќи ја предвид актуелната состојба во државата.

„Сите протоколи се спроведуваат, немаме интерно ширење на заразата и засега не се размислува за нови мерки во училиштата“, рече министерката.

Меѓу другото, таа потсети за јавниот повик за пријавување стручни лица за подготовка на новите наставни програми согласно Концепцијата за основно образование, кој е објавен во петокот на 5 март и ќе трае пет дена, со можност да бидат разгледани и пријави доставени по рокот.

Царовска денеска во општина Илинден учествуваше на консултативна средба со претставници од компаниите, локалната самоуправа и средните стручни училишта. Средбата во Илинден е дел од процесот „Учи паметно, работи стручно“, чија основна цел е да се идентификува потребата од отворање на одредени профили и паралелки во средните стручни училишта во градовите низ државата, од идната година.