Главна секција Црвен картон од САД за Кочо Анѓушев – прогласен за неподобен за...

Црвен картон од САД за Кочо Анѓушев – прогласен за неподобен за влез во земјата

Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси, се вели во денешното известување од Стејт департментот

Кочо Анѓушев на Светскиот инвестициски форум, 23 октомври 2018 г. | Фото: Жан Марк Фере (Jean Marc Ferré)

Соединетите Американски Држави (САД) го прогласија Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во САД, поради неговата вмешаност во значително висока корупција, соопшти Стејт департментот.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се вели во денешното известување од Стејт департментот.

Во него се додава дека овој потег покажува дека „САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“.

„Со ова потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“, прецизираат од Стејт департментот.

Како генерално неподобни за влез во САД на листата се ставени и сопругата на Анѓушев, Елизабета, и неговите две деца.

„Денешното означување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето кога се направени злоупотребите. Ќе следуваат повеќе означувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. Конечно, останува на функционерите и на граѓаните на оваа земја да бараат одговорност и промени“, напиша на својот профил на Твитер Анџела Агелер, амбасадорка на САД во земјава.