Свет Балкан Човекот што дојде по бебето по масовното убиство во БиХ добива закани

Човекот што дојде по бебето по масовното убиство во БиХ добива закани

Бебето е префрлено на Педијатрија во Клиничкиот центар во Тузла, а грижата за неа ја презеде Центарот за социјални работи.

Фото: Dickelbers, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Емир Џиновиќ, младиот сопственик на теретана во босанското гратче Градачац, за кого работел убиецот Нермин Сулејмановиќ (35), по објавата на Инстаграм дошол на местото на злосторот и го зел бебето на Невзета Хеќимовиќ, невенчаната сопруга на убиецот. Сега спасителот на бебето добива закани по живот, пишува босанскиот весник „Ослобоѓење“.

Џиновиќ нема објаснување зошто дошло до масакрот.

„Бебето беше спуштено на подот во локва крв… Глетката беше морничава. Несреќната сопруга ја испретепал, беше непрепознатлива. Со него долго се знаеме, работеше кај мене, никогаш немаше никакви проблеми. Не знам како дошло до ова – вели сопственикот на теретаната во која Сулејмановиќ бил инструктор.

Убиецот својот крвав пир го емитуваше во живо преку Инстаграм. По убиството на Невзета – со пукање во глава, бебето е оставено во локвата крв, а Сулејмановиќ вели: Нека дојде некој по детето.

Емитувањето во живо на убиствата и пукањето на Инстаграм беше поздравувано од некои корисници на оваа социјална мрежа, а Министерството за внатрешни работи на БиХ уште вчеравечер порача дека ќе почне кривични истраги против поддржувачите на убиецот.

Инаку, убиецот откако полицијата почна акција за негово пронаоѓање и фаќање, се самоуби пред полицајците.

Откако веста за спасувањето на 9-месечното бебе се појави во медиумите, Џиновиќ се сретнал со страотни закани, пишува „Ослобоѓење“, повикувајќи се на Crna-hronika.info.

Една од пораките до сопственикот на теретаната гласи: „Од вечерва е отворен лов по тебе“. Друга порака со закана е фотографија со пиштол покрај кого има рамка полна со куршуми.

Бебето е префрлено на Педијатрија во Клиничкиот центар во Тузла, а грижата за него ја презеде Центарот за социјални работи.

Сулејмановиќ по убиството на Хеќимовиќ нападна семејство што го познавал и го сретнал во центарот на Градачац. При тоа го убил мажот, жената ја ранил и таа сега се наоѓа во болницата во Тузла, каде е приклучена на апарати, а го убил и нивниот 23-годишен син. Потоа ранил уште две лица – братучед на убиената Невзета и еден полицаец.

Во Градачац од денеска е на сила тридневна жалост, а на пладне почна протест против сите облици на насилство.