Македонија Чоковски на „Твитер“ за контактот со „Хакинг тим“: Македонската царина беше мамец...

Чоковски на „Твитер“ за контактот со „Хакинг тим“: Македонската царина беше мамец за да дојдеме до демо на софтвер

Извесниот Александар Чоковски од фирмата „Навајо Технолоџис“ преку порака на својот твитер-профил тврди дека неговата комуникација со „Хакер тим“ за набавка на опрема за следење и прислушување за Македонската царина била мамец за да дојде до демо-верзија на еден од софтверите на контроверзната италијанска фирма, чии мејлови денеска ги објави Викиликс.

„На Викиликс ја има објавено кореспонденцијата меѓу мене и ХТ од Италија. Сметам дека должам објаснување на сите. Ова беше обид да добиеме демо од нивниот софтвер и да видиме дали е ефикасен против нашите продукти. Бидејќи ХТ има политика да соработува само со владини институции, а имајќи го предвид фактот дека ние сме од другата страна на боиштето, односно се штитиме од такви како ХТ ми требаше адекватна мамка. Под претпоставка дека веќе имаат контакт со МВР што се испостави како точно, Царината изгледаше како супер идеја. Штета што ова излезе во јавност и сега сме предмет на шпекулации и имагинации, но од друга страна е супер затоа што се разниша една од главните организации која претставува закана за приватноста и ние како фирма имаме еден проблем помалку“, пишува во пораката на профилот на Чоковски, објавена пред нешто повеѓе од еден час.

Според пораката на Чоковски на Твитер Македонската царина не била вмешана во случајот.

„Морам да истакнам дека Македонската царина никако не е вмешана во ова ниту пак некако сме снабдувале македонски институции, тоа е лично моја измислица со цел да го добиеме демото од ХТ. Би сакала јавно да се извинам заради тоа.

Инаку, на твитер-профилот на Чоковски се гледа дека тој има само 9 луѓе што ги следи на социјалната мрежа и осум што го следат него. Последниот твит пред овој денеска му е објавен на 14 јули 2011 година.