Главна секција Членки на ЕУ се против почеток на преговори и бараат суштински напредок...

Членки на ЕУ се против почеток на преговори и бараат суштински напредок во реформите

И покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети, се вели во „нон-пејперот“ што го објави „Макфакс“.

Според извори на „Макфакс“, зад документот не стојат сите земји членки на ЕУ, и документот циркулира меѓу оние кои се против почетокот на преговорите во јуни. Наводно, станува збор за Франција и Холандија кои се противат на старт на преговорите за членство со Македонија и Албанија на јунскиот самит на ЕУ.

„За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е штотуку започната и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (заробена држава). Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не дале задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“ се вели во документот и се повикува тоа да се земе предвид, пред да се донесат какви било одлуки во врска со проширувањето.

Македонската влада смета дека земјата, сепак, е на вистинскиот пат.

“Мнозинството земји членки на ЕУ поддржуваат почеток на преговорите со Македонија, после решавање на спорот со Грција. Од друга страна факт е дека постои дебата во ЕУ околу подготвеноста за ново проширување. Суштинските и коренити промени во земјата градат силни и услужни институции, праведна држава и силна економија за подобар живот на сите граѓани. Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени и препознаени од цела Европа и од сите земји членки на ЕУ. Сите земји членки на ЕУ сметаат дека Македонија треба да продолжи по овој пат и да го интензивира прогресот. За тоа говори и најновата оценка на Европската Комисија со која Македонија е оценета за најдобра во регионот на Западниот Балкан и Турција за спроведување на препораките во економската програма за реформи. Македонија после решавање на спорот околу името веднаш ќе стане членка на НАТО и со тоа уште позабрзано и поодлучно ќе ги отвори портите на ЕУ“, велат од Владата.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, реагираше дека, за жал, се потврдија повеќемесечните стравувања дека земјата ризикува да не добие датум почеток на преговори. Не само заради спорот со името туку и заради катастрофалното ниско ниво на реформи, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

– Повикувам веднаш Владата да преземе одговорност и клучните луѓе во овие области Министрите за надворешни Димитров, евроинтеграции Османи, внатрешни работи Спасовски, финансии Тевдовски, економија Бектеши, здравство Филипче и труд и социјала Царовска, да поднесат оставки – вели Николовски.

На ова реагираа од СДСМ, од каде велат дека пред да се истрчува во јавноста ВМРО-ДПМНЕ треба да го прочита Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македониј.

„Со Извештајот, ЕК дава кристално чиста препорака за Македонија, го констатира напредокот во сите области, а најново е дека Комисијата ја оцени Македонија како најдобра во регионот на Западен Балкан и Турција, за спроведување на препораките во економската програма за реформи. Македонија е на вистинскиот пат и тоа е препознаено од Европа и земјите членки на ЕУ. Дека Македонија е на вистинскиот пат не сака да признае единствено ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ треба да се погледне во огледало за да го види виновникот за 11 годишното пустошење на државата и оддалечувањето на Македонија од ЕУ и НАТО. Наместо да навива за неуспех на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ треба да им се извини на граѓаните за грабежот и ставот, да преземе одговороност и да ги поддржи промените кои ја движат Македонија напред, велат од СДСМ.