Свет Четириесет и четири жени од Косово биле на боиштата на Блискиот Исток

Четириесет и четири жени од Косово биле на боиштата на Блискиот Исток

Косовскиот центар за безбедносни студии соопшти дека од почетокот на конфликтите во Сирија и во Ирак, од 2012 до 2016 година, 44 косовски жени биле вклучени во тие конфликти, а меѓу нив има и 27 деца.

Врз основа на истражувањето на овој центар, „жените кои учествувале во терористичките организации давале нега, промовирале идеологија на ектремно насилство и регрутирале други жени да им се придружат на екстремистичките групи“.

Косовската полиција пронашла седум жени кои се вратиле на Косово, додека една се соочува со обвинение и чека судска пресуда.

Во извештајот на Центарот се нагласува дека најмалку шест од нив се изолирани и без институционална поддршка, додека некои од оние кои се вратиле, ги изгубиле сопрузите и морале повторно да се омажат.

Органите за безбедност соопштија дека 316 косовски државјани учествувале во странски конфликти и оти таму сè уште се наоѓаат околу 140 Косовци. Се верува дека во Косово се вратиле 117, а 35 се казнети.

Собранието на Косово усвои закон кој забранува Косовците да се борат на странски боишта, а за таквото дело се предвидува казна од пет до 15 години затвор.