Дописници Чести пожари на тетовската дива депонија

Чести пожари на тетовската дива депонија

Територијалната противпожарна единица Тетово деновиве постојано интервенира во гасење пожари, кои често се појавуваат на дивата депонија што се наоѓа на влезот од градот. Пред два дена интервенирале пет пати во гасење пожар кај депонијата.

– Наша работа е да интервенираме во гасењето на пожарот, но има некој несовесен кој ја пали депонијата. Не можам да сфатам каква корист има од тоа – вели Ука Алити, командир на тетовската противпожарна единица.

Од полицијата информираат дека досега немаат официјална пријава за палење на депонијата ниту, пак, имаат информација кој би можел да го предизвикува пожарот на оваа локација.

На дивата депонија, која Јавното комунално претпријатие Тетово ја користи за претовар на сметот, последниве неколку месеци се наталожени поголеми количества отпад. Тетовските комуналци имаа мал застој во транспортот на отпадот откако жители од гостиварски села не дозволија да се носи ѓубрето во регионалната депонија Русино.

Сега сметот се транспортира во скопската депонија Дрисла, каде е посложена процедурата за депонирање.

Општинските власти сè уште го немаат исполнето ветувањето за дислокација на станицата, каде комуналното претпријатие го претовара сметот. Ветија дека за оваа намена ќе најдат место надвор од градот, но ветеното речиси една деценија не се исполнува.