Свет Европа Чавков во Братислава: Потребна е засилена европска солидарност за бегалската криза

Чавков во Братислава: Потребна е засилена европска солидарност за бегалската криза

Мигрантската и бегалската криза биле во фокусот на неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите членки на Европската Унија и на земјите кандидати за членство во Унијата, што денеска се одржа во Братислава, Словачка, а на кој учествуваше и министерот за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков.

Чавков, по состанокот, како што соопштуваат од МВР, меѓу другото истакнал дека е неопходна засилена европска солидарност, како во рамките на заедничкиот европски систем за азил, така и во поглед на зајакнување на шенгенските граници.

На состанокот, според Чавков, било договорено во наредниот период да се продолжи со интензивни контакти и средби, кои треба да бидат претходница на двата клучни настани посветени на мигрантската и на бегалската криза, односно самитот на лидери на глобално ниво во Њујорк и средбата на високо ниво во рамки на Обединетите нации (ОН), кои треба да резултираат со конкретни заклучоци и мерки за справување со кризата.

“Беа детектирани одредени слабости во досегашниот настап и следствено на тоа и реформи што треба да се преземат како во рамки на шенгенскиот каталог, така и во рамките на Фронтекс, односно проширување на неговата мисија, потоа зајакнување на регулатива за датотеки Еуродакт и на капацитети на постоечкиот систем на азил“, изјавил Чавков.

Тој, по состанокот, истакнал дека на дебатата од страна на повеќе земји на ЕУ била нотирана и поздравена досегашната активност и учество на Македонија во справувањето со мигрантската криза.