Економија Централен регистар го продолжува рокот за поднесување на годишна сметка за 10...

Централен регистар го продолжува рокот за поднесување на годишна сметка за 10 дена

Фото: Архива на Мета

Поради барањата од фирмите кои се однесуваат за продолжување на рокот за поднесување на годишна сметка за 2021 година, заради заштита и превенција од вирусот ковид-19, Централниот регистар одлучи да излезе во пресрет на барањето на обврзниците за поднесување на годишна сметка и на сметководителите со продолжување на рокот за 10 дена, како за хартиено така и за електронско поднесување на годишни сметки.

„Крајниот рок за поднесување на годишна сметка во хартиена форма ќе биде до 10.03 2022 година, со работно време на сите канцеларии на Централниот регистар од 08:00 до 16:00 часот, додека крајниот рок за поднесување на годишната сметка во електронска форма ќе биде до 25.03.2022 година до 24 часот“, сооштија денес од Централниот регистар.

Од таму напоменуваат дека во рамките на законските можности продолжувањето на рокот се случува веќе трета година по ред поради зголемениот број на позитивни случаи на корона вирус.

„Сакаме да напоменеме дека минатата година приемот на годишните сметки го следеше трендот како и изминатите години, па во законски предвидениот рок во Централен регистар беа поднесени 95% годишни сметки. Одлуката за пролонгирање на рокот е во согласност со член 477 став 1 од Законот за трговски друштва“, наведено е во соопштението.