Свет Балкан Бунтовниците на СИРИЗА ќе се отцепат во нова партија

Бунтовниците на СИРИЗА ќе се отцепат во нова партија

Бунтовниците од грчката владејачка партија СИРИЗА ќе формираат нова партија, јавува „Би-Би-Си“ повикувајќи се на извештаи од грчките медиуми.

Премиерот Алексис Ципрас синоќа поднесе оставка, со што отвори пат за одржување предвремени избори. Оставката следеше откако Ципрас ја изгуби поддршката меѓу своите пратеници во гласањето за новиот договор со европските кредитори.

Грчките медиуми јавуваат дека 25 пратеници-бунтовници од СИРИЗА ќе ја формираат новата партија Лаики Енотита (Народно единство). Партијата ќе ја предводи поранешниот министер за енергетика Панајотис Лафазанис, кој цврсто се противеше на новиот договор.

Грчкиот весник „Та Неа“ објави дека на листата на членови на новата партија не се наоѓа претседателката на собранието Зои Константопулос и поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис, иако и двајцата беа против новиот договор

Левичарската СИРИЗА во јануари освои 149 од 300 места во грчкиот парламент, а втора според број на пратеници беше Нова демократија, која освои 76 места.

Ципрас мораше да се согласи да ги спроведе тешките реформите, со цел да ја задржи Грција во еврозоната и за да го обезбеди новиот финансиски пакет од 86 милијарди евра.