Свет Балкан Бугарскиот митрополит Гавриил до Пендаровски: Нема ништо политичко во одлуката за македонската...

Бугарскиот митрополит Гавриил до Пендаровски: Нема ништо политичко во одлуката за македонската црква

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Решението на Светиот синод на Бугарската православна црква (БПЦ) да го признае канонскиот статус на Македонската црква е донесено според предлогот на српската црква, коментира бугарскиот Ловчански митрополит Гавриил, инаку еден од повлијателните во БПЦ, по исказот на македонскиот претседател Стево Пендаровски кој порача дека има координирана државна политика меѓу бугарските власти и БПЦ.

„Денеска ја видов одлуката на БПЦ дека ја признаваат црквата на Северна Македонија. Замислете дека безобразието оди до таму, да последната реченица од тоа кусо соопштение вели дека ќе размислиме околу дефинитивното име. Тие велат дека ја признаваат црквата во Северна Македонија, а за нејзиното име ќе размислиме во следниот период. Кои сте вие да размислувате?“, порача Пендаровски во емисијата „24 анализа“.

Ловченскиот митрополит Гавриил пак смета дека сѐ е в ред и дека македонскиот претседател требало да биде восхитен од кревањето на шизмата, пренесува Бугарското национално радио (БНР).

„На македонскиот претседател не му оставило впечаток тоа со каква радост и љубов го примаме тоа дека е крената шизмата, туку тоа оти сме напишале нешто што самата Српска црква го предлага – да има дијалог за прецизирање на името. Самиот српски патријарх го напиша тоа и тој не ги нарече со никакво име. Тоа е вистината. Нема ништо политичко во нашата одлука“, вели бугарскиот митрополит.