Свет Балкан Бугарската Влада ќе достави предлог за ратификација на Договорот со Македонија

Бугарската Влада ќе достави предлог за ратификација на Договорот со Македонија

Бугарската влада денеска треба до Народното собрание да достави предлог-закон за ратификација на Договорот за добрососедство со Македонија.

Договорот беше потпишан на 1 август во Скопје, од премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, а формално ќе стапи во сила кога ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји.

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, најави дека се очекува Договорот за добрососедство да биде ратификуван во Собранието на Бугарија до крајот на неделава.

Со Договорот се предвидува унапредување на севкупната соработка, а меѓу другото и формирање комисија за историско-образовни прашања на паритетна основа, која треба да придонесе за објективно и засновано на докази научно толкување на историските настани поврзани со двете земји.