Свет Европа Бугарија и Романија влегуваат во Шенген зоната по воздушен и морски пат

Бугарија и Романија влегуваат во Шенген зоната по воздушен и морски пат

Контролите на воздушните и поморските граници ќе бидат укинати од март 2024 година, а дискусиите за укинување на контролите на копнените граници ќе продолжат и во новата година, се вели во соопштението на Европската комисија

Парламентот во Бугарија во центарот на Софија. Фото: Мета.мк

Европскиот совет одлучи да ја прошири безграничната Шенген зона и да ги вклучи Бугарија и Романија, соопшти вчера шпанското претседателство на Советот.

Контролите на воздушните и поморските граници ќе бидат укинати од март 2024 година, а дискусиите за укинување на контролите на копнените граници ќе продолжат и во новата година, се вели во соопштението на Европската комисија.

„Проширената Шенген зона ќе ја направи ЕУ посилна како Унија, внатрешно и на глобална сцена“, изјавија од Комисијата.

Датумот 31 март е избран бидејќи тогаш почнува летното сметање на времето и летниот распоред на летови во авиосообраќајот.

Договорот следеше откако Бугарија и Романија потпишаа заедничка декларација со Австрија во која се обврзуваат да ја интензивираат борбата против илегалната миграција.

„Присуството на Фронтекс на бугарско-турската граница треба да се зголеми најмалку тројно, а контролите на копнените граници меѓу Бугарија и Романија и меѓу Романија и Унгарија ќе треба да се зајакнат“, стои во заедничката декларација на трите земји.