Македонија Брзината на социјалните мрежи е предност и мана во известувањето, тврдат новинари...

Брзината на социјалните мрежи е предност и мана во известувањето, тврдат новинари од САД

Популистичките мерки објавени кратко и јасно на социјалните мрежи се ефективни, а тоа го користат политичарите, велат американските новинари Џон Кокран и Барбара Кокран, на јавната дискусија „Можат ли социјалните медиуми да влијаат врз изборите во САД?“, организирана од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

– Секој новинар во денешно време мора да биде активен на социјалните мрежи. Недостаток е тоа што секој со „Твитер“ и со „Фејсбук“ кој што е влијателен и има голем број на следбеници може да стане објавувач. Добро е што луѓето можат да одберат кого да следат и кому да веруваат, но ова на некој начин е и опасно затоа што луѓето стануваат еднострано информирани – вели Барбара Кокран, која е професор на Факултетот за новинарство во Мисури.

Таа додава дека републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, има поголема корист од социјалните мрежи затоа што е спонтан и објавува сам, додека демократската кандидатка Хилари Клинтон е внимателна и објавите ги смислува нејзиниот тим.

– Трамп е силен на социјалните мрежи, си изгради слика за себе и без политичко искуство освои номинација за претседателските избори. Тој твита сам, а тоа многу му помага во кампањата. Луѓето го сакаат тоа. Хилари, од друга страна, е многу внимателна и на социјалните мрежи е обратно од спонтана. Нејзините твитови се добро осмислени од нејзиниот тим, а тоа му оди во прилог на Трамп – вели Барбара Кокран.

Брзината при објавувањето е и мана кај социјалните медиуми затоа што новинарите не секогаш се сигурни во она што го објавуваат, вели Џон Кокран, пензиониран телевизиски новинар.

– Социјалните медиуми не го уништуваат новинарството со сензационализмот, туку со информирањето за кое новинарите не секогаш се сигурни дека е точно. Но, никогаш не смеете да грешите. Најлошо е да објавите приказна која мислите дека е точна, а не сте доволно сигурни. Мора да бидете сигурни дека она што го објавувате е точно. Објавете први, но прво објавете точно (Get it first, but first get it right) – вели тој.