Главна секција Брисел: За Хан уставното мнозинство значело широк консензус и широка коалициja

Брисел: За Хан уставното мнозинство значело широк консензус и широка коалициja

Еврокомесарот Јоханес Хан при употребата на терминот „уставно мнозинство“ во своето вчерашно обраќање пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, зборувал за потребата за широк политички консензус и за широка коалициона влада, појасни за „Мета“ портпарол на Европската Унија.

– Комесарот зборуваше за потребата да се има широк политички консензус и широка коалиција, за државата да може ефикасно да се справи со многуте предизвици што претстојат, односно имплементирањето на реформските приоритети и на Договорот од Пржино, а за решавањето на билатералните проблеми е потребна силна посветеност кај сите политички партии – вели портпаролот на ЕУ.

Од Брисел потсетуваат дека главните политички партии во Македонија се заложиле за спроведување на реформите и оти евроатланските аспирации се дел од нивните агенди.

– Сите главни партии се согласуваат со реформската агенда за ЕУ и дека патот кон ЕУ е стратешка цел на земјата. Ако тие работат заедно за оваа заедничка цел, тие, де факто, ќе имаат уставно мнозинство, што е важно за патот на европската интеграција – вели портпаролот на ЕУ.