Главна секција „Брима“: Мнозинството граѓани сметаат дека била потребна промена на власта

„Брима“: Мнозинството граѓани сметаат дека била потребна промена на власта

Доверба во новата влада имаат 57 проценти од граѓаните, а 37 отсто гледаат со недоверба на идното работење на владата. Најголема доверба на владата ѝ даваат етничките Албанци, односно 71 отсто, а најмалку доверба имаат етничките Македонци, односно 51 процент, покажува новата анкета на „Брима Галуп“, спроведена од 2 до 12 јуни.

Истражувањето покажува дека на Македонија ѝ била потребна промена на власта. Така сметаат 69 отсто од анкетираните граѓани, а само 24 отсто сметаат дека било добро и со минатата власт.

Најголема недоверба во Владата има кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и кај тие што изјавиле дека нема да гласаат на следните избори, додека најголема доверба има кај поддржувачите на СДСМ, потоа се поддржувачите на ДУИ и на Движење за реформи на ДПА.

Шеесет и два отсто од анкетираните граѓани сметаат дека изборот на Зоран Заев за премиер е добро решение, додека 29 проценти сметаат дека тоа е лошо решение. И тука најголема е поддршката кај етничките Албанци, потоа кај припадниците од другите етнички заедници и кај етничките Македонци.

Високи 66 отсто сметаат дека влегувањето на граѓаните во Собранието на Република Македонија на 27 април било со однапред испланирано сценарио, а 21 отсто сметаат дека тоа било спонтано.

Поддршката за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието во вкупната јавност е 43 проценти, а 47 отсто се изјасниле дека дека не го поддржуваат.

Со истражувањето биле опфатени 1.193 граѓани во осум региони, а интервјуата биле направени лице в лице во домот на испитаникот.