Свет Балкан Божикната трпеза во Грција за два отсто поевтина од ланската

Божикната трпеза во Грција за два отсто поевтина од ланската

Божикната трпеза во Грција годинава е минимално поевтина од ланската. Според истражувањето на  Асоцијацијата на грчки трговци, продуктите за божикната прослава се само за два отсто поевтини од лани.

Годинава просечното грчко семејство ќе потроши 144.76 евра за божикната трпеза, а лани таа во просек чинела 147.75 евра.

Минималното намалување се должи на намалената цена на месото, за речиси три отсто поевтинето од лани, но и на намалената цена од шест отсто на алхохолните и на безалхохолните пијалоци. Јагнешкото годинава чини 6,5 – 7 евра за еден килограм и е за седум отсто поевтино од лани, додека, пак, мисиркиното месо, кое сè повеќе се употребува во Грција, е за 10 отсто поскапо од лани. Се забележува многу мало поевтинување и на класичните божикни слатки.

За разлика од месото, истражувањето покажало зголемување на цената на зеленчукот, односно поскапување на зелката за 34 отсто и на доматите за 16 отсто.

Во бутиците за облека и за играчки нема некакви намалувања сè до јануарските попусти, иако во пресрет на дочекот на Божик и на Нова година се забележуваат огромни врвулици граѓани кои се во потрага по божикни подароци.

Грчките трговци се надеваат на подобрување на профитот благодарените на божикното раздвижување на пазарот, но чекаат до крајот на годината да проценат дали повеќе се разгледувало или купувало.

Продавниците во Грција денеска работат со скратено работно време до 18 часот. В четврток и во петок, поради божикните прослави, ќе бидат целосно затворени, но ќе работат в сабота и в недела.