Свет Балкан Бошњаците од Санџак бараат автономија од Србија

Бошњаците од Санџак бараат автономија од Србија

Претседателот на Бошњачкиот национален совет во Србија, Сулејман Угљанин, вчера побара од српските власти и од Европската Унија да се распишат „избори за формирање на територијална автономија на српската областа Санџак“, каде мнозинството од жителите се Бошњаци.

Угљанин, кој е и лидер на Партијата за демократска акција на Санџак (СДА), го темели барањето на резултатите од референдумот за автономија на Санџак од 1991 година, кој не е признат од страна на Белград.

Тој тврди дека Бошњаците се „туѓо тело во земја во која институциите се нарекуваат српска војска и српска полиција“ и дека државните органи кон бошњачкото малцинство се однесуваат непријателски и дискриминаторски.

Овие изјави на Угљанин, српскиот министер за одбрана Александар Вулин ги оцени како провокативни. Тој додаде дека претседателот на Бошњачкиот национален совет сака да предизвика „неред и немир“, затоа што му пречи мирот и законитоста во Србија.