Подглавна секција Болницата во Газа веќе не функционира, неизвесна судбината на 36 новороденчиња

Болницата во Газа веќе не функционира, неизвесна судбината на 36 новороденчиња

Во областа околу болницата во Газа постојано има пукотници и бомбашки напади, што ги влошило и онака веќе критичните околности. Во Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, велат дека повеќе од 2.000 луѓе се наоѓаат во болницата Ал-Шифа, вклучувајќи пациенти, медицински персонал и раселени лица

Фото: Abed Rahim Khatib/dpa

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека болницата Ал-Шифа во градот Газа повеќе не функционира како болница, пренесе Би-Би-Си. Според шефот на СЗО, Тедрос Аданом, во областа околу болницата има постојани пукотници и бомбашки напади, што ги влошило и онака веќе критичните околности.

Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, вели дека повеќе од 2.000 луѓе се наоѓаат во Ал-Шифа, вклучувајќи пациенти, медицински персонал и раселени лица.

Израелската војска повторила дека е „подготвена да помогне“ во евакуацијата на десетици бебиња од болницата, но негира дека ја погодиле болницата за време на борбите со Хамас.

Лекарите во болницата Ал-Шифа стравуваат дека може да умрат преостанатите 36 новородени бебиња на кои им е потребна интензивна нега. Во хуманитарната организација „Медицинска помош за Палестинците“, велат дека без амбулантни возила, потребната опрема или болница за префрлање на предвремено родените бебиња, „нема начин како тоа да се направи безбедно“.

На друго место, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за американската мрежа Ен-Би-Си (NBC) рече дека „може да има“ договор за ослободување на преостанатите израелски заложници во Газа, но не кажа други детали.