Дописници Бочварски: Со новиот закон нема да се легализираат големи станбени единици

Бочварски: Со новиот закон нема да се легализираат големи станбени единици

Фото: Архива на Мета.мк

Новиот закон за легализација на бесправно изградени објекти е покренат од градоначалниците и од ЗЕЛС, и обезбедува плаќање на пенали за сите кои граделе бесправно, објаснува министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Со ова, тој одговара на јавните критики и барањето на екологистите и граѓанските активисти да се запре донесувањето на новиот закон.

– Согласно овој закон плаќа по 50 отсто од комуналиите, со којшто секој оној кој бесправно изградил, а ќе се вклопи во идниот развој на градовите ќе плати 50 отсто пенали, со цел да го натераме народот повеќе да не пристапува кон ваквиот систем, туку да оди по редовните процедури и постапки. И важно е дека со овој закон се решаваат клучни и главни инфраструктурни прашања од далекуводи, гасоводи, до водоводи, проекти, објекти на државата и општините биле изградени одамна со процедури на државата, но денеска не се упишани во имотни листови. Придобивка на овој закон е што станбените згради, тоа што беше недостаток од претходниот закон, решение е дека нема да можат да се легализираат, големи станбени единици, со цел да не се наруши целиот простор и урбаното живеење на државата. Тоа е една од придобивките, со кои ќе ги запреме сите поглеми процеси, кои беа во тек со претходниот закон – кажа Бочварски.

Во однос на вчерашната одлука на Уставниот суд со кој се укинува мораториумот за градење во Општина Центар, министерот за транспорт и врски вели дека има и други механизми за заштита.  

– Уставен суд донесе своја одлука во врска со мораториумот којшто е укинат во Општина Центар, но постоечкиот Закон за урбанистичко планирање нуди одредени можности. Ние разговараме со Општина Центар. Тие ги бараат одговорите на ова прашање од нас – изјави Бочварски.

Тој смета дека ако Општина Центар има одредена потреба за одредени урбанистички планови, кои ја загрозуваат животната средина и растот на општината, тие треба да поднесат Елаборат со кој ќе гарантираат дека има одредено нарушување на урбанистичкото живеење, планирање итн., и потоа да се разгледува во Министерството за транспорт и врски.

– Важно е дека ДУП што се донесени од Советот на општината се на сила, затоа што истата таа општина ги изгласала. Така што може Општина Центар, тоа се нивни ДУП-ови, да разработува свои планови. Важно е растот и развојот на општината да продолжи и важно е да продолжи комуникацијата согласно законските можности и процедурите на Законот за урбанистичко планирање – изјави Бочварски.