Економија Бочварски: Компаниите од Штип треба да кажат дали ќе се приклучат на...

Бочварски: Компаниите од Штип треба да кажат дали ќе се приклучат на гасоводот

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска остварил средба со претставници од бизнис-секторот во врска со изработка на идејниот и основниот проект за гасификација на Општина Штип.

– Многу ми е важно да добијам информација од штипскиот бизнис-сектор, дали и колку е заинтерсиран за да се приклучи на гасоводната мрежа.Компаниите треба да дојдат до Општината и да земат формулар, кој што е енергетска картица, за да ги достават нивните податоци за тоа, колку би користеле гас во идниот период доколку се приклучат – рече Бочварски.

Пред бизнисмените исто така била презентирана и трасата на гасоводната мрежа која е долга 20 километри.

Бочварски во изјава за „Мета“ неодамна рече дека, општината при проектирање на трасата на гасоводот ќе внимава таа да се движи по државно земјиште, за Општината да нема високи трошоци за експропријација.

– Доколку одреден дел наиде на дел од приватно земјиште, тогаш ќе има потреба од експропријација –  рече Бочварски.

Од Општината информираат дека паралелно се работи и со институциите во градот кои би требало да се вклучат на гасоводот.

Општина Штип веќе ја избра фирмата која што ја проектира секундарната мрежа за гасоводот во градот. Се работи на идејниот проект, а потоа ќе се започне со основниот проект.