Дописници Блажо Боев реизбран за ректор на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Блажо Боев реизбран за ректор на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Академик Блажо Боев, редовен професор на Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип е избран за ректор на УГД. Ова е втор мандат за Боев, кој и во претходните четири години го водеше Универзитетот.

Попладнево беа сумирани резултатите од гласањето на наставно-научните совети на сите факултети и академии при УГД, по што Комисијата ги сумираше резултатите и го прогласи за ректор Боев.

Наставно научните совети на 12 факултети и три академии претходно спроведоа постапка за избор, по што резултатите ги сумираше Изборна комисија. Во изборот на ректор на УГД, со свој глас на изборите во Наставно научните совети учествуваа и студентите со свои претставници. Со ова, Боев ќе биде на челo на Универзитетот „Гоце Делчев” до 2025 година. Ова е прв избор на ректор на УГД според новиот Закон за високо образование.

Академик Блажо Боев е геолог по вокација, а на Рударско – геолошкиот факултет од самото основање во 1986 година. Во 2015 година беше избран за ректор на Универзитетот, кој продолжува да го води во втор мандат. Веќе една година е дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Боев е познат како еден од најголемите истражувачи на рудникот за злато „Алшар“ и дел од проектот за отркивање на сончевите неутрони.