Дописници Бирократски процедури го паркираа возилото за децата со посебни потреби во Штип

Бирократски процедури го паркираа возилото за децата со посебни потреби во Штип

Цели три месеци сосема новото возило што со донации беше набавено за редовен превоз на деца и возрасни со посебни потреби во Штип стои паркирано во дворот на „Македонија пат“. Комбето е специјализрано, со рампа за кревање на колички и е едно од долгогодишните барања на родителите на децата со посебни потреби. За комбето Општината Штип издвои 3.000 евра, а дополнително пари донираа хумани луѓе и компании.

Комбето нема кој да го вози. Зоран Мијалков и Димитар Сарпанов од Здружението „Сплотени срца“ од Штип велат дека секојдневно се принудени своите деца да ги носат со такси на училиште или во дневните центри. Често се случува децата да се загубат, откако ќе бидат оставени на улицата од страна на таксистите.

– По многу маки и интервенции, откако се купи комбето мислевме дека го решивме проблемот. Сега тоа стои паркирано иако е и регистрирано. Причината зошто не се користи, како што не информираат, е што нема возач – вели е Зоран Мијалков, татко на дете со аутизам.

Од Центарот за социјални работи од Штип, која е надлежната институција, објаснуваат дека ќе се чека да завршат претседателските избори. Тогаш ќе можат да распишат оглас за вработување возач за комбето за преневоз децата и возрасните лица со посебни потреби до Дневните центри и училиштата. Во меѓувреме, новото возило ќе стои неупотребувано.