Македонија Без одговорност и отчетност на институциите нема демократија и добро владеење

Без одговорност и отчетност на институциите нема демократија и добро владеење

Отвореноста и одговорноста на институциите се клучни за демократизација на општеството – е заклучокот од финалната конференција во рамките на проектот „Актион СЕЕ Вишеград“ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа, на тема „Патот кон добро владеење“, која се одржа денеска во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Јацек Мултановски, амбасадорот на Полска во Македонија, вели дека граѓанските организации се чувар на демократските вредности, на владеењето на правото и на човековите права.

– Концептот на Европската Унија во последно време е под знак прашалник, владее големо незадоволство, а проекти како овој можат да придонесат за зајакнување на довербата. Технологиите се добра можност за ширење дезинформации и лажни вести, но, исто така, тие можат да помогнат за барање одговорност од политичарите. А без одговорност, не може да се очекуваат демократски процеси – вели Мултановски.

Германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер, смета дека борбата за зачувување на граѓанското општество, демократизацијата и владеењето на правото, како и борбата против корупцијата се многу важни. Таа додаде дека овие цели е тешко да се постигнат, но дека вреди да се проба.

Не можеме да придонесеме кон квалитетот на животот ако нема отвореност и одговорност, како и владеење на правото, смета Бардил Јашари, директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

– Важно за нас, како организација, е да најдеме начин како граѓанскиот сектор да придонесе за доброто владеење. Преку овој проект, со помош на технологијата може да се пронајдат начини да се бара одговорност и добро владеење. Ние, како граѓански организации, можеме да придонесеме да се поправи недовербата што граѓаните ја имаат кон власта, а таа во последно време е на многу високо ниво – смета Јашари.

За отвореноста на институциите во Македонија и за нивниот однос кон медиумите и кон новинарите, говореше Димитар Тануров од новинска агенција „Мета“. Според него, институциите во Македонија се затворени и мора уште многу да се работи за да се смени тоа.

– Голем дел од институциите воопшто не ги констатираат усните барања за информации, па процесот на добивање одговор се одолжува и тоа ја отежнува работата на новинарот. Поголемиот дел од државните институции се затворени за критичките медиуми, особено Владата, чиј портпарол речиси никогаш не одговара на телефонските повици од новинарите – рече Тануров.