Главна секција Без конкретен договор на маратонската средба Груевски – Заев во Стразбур

Без конкретен договор на маратонската средба Груевски – Заев во Стразбур

Заврши рундата разговори на највисоко ниво помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со тројцата европратеници и со комесарот за пристапни преговори, Јоханес Хан, во Стразбур.

Во соопштението на европратениците се вели дека се поздравуваат напорите на двајцата партиски лидери да работат врз заеднички договор во интерес на граѓаните и да се справат со сите предизвици што произлегуваат од оваа криза во согласност со европските стандарди.

„Двете страни се согласиле да го стават интересот на граѓаните пред сè и да ја задржат заложбата кон ЕУ-интеграциите и демократските процеси. Комесарот Хан ја поздравил искрената дискусија за спорните теми. Тие се согласиле дека постојани средби се потребни“, стои во соопштението.

Разговорите траеа повеќе од десет часа и завршија околу 3.30 часот утринава.

Средбата почна доцна попладнето, најпрво со одвоени средби на двете делегации со европарламентарците, а потоа и со еврокомесарот Хан и со олеснувачите.

Дел од делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, покрај претседателот на партијата Никола Груевски, се и Мартин Протоѓер, Никола Тодоров, Никола Попоски, Сашо Мијалков, а бил присутен и пратеникот Влатко Ѓорчев.

Делагацијата на СДСМ ја претставувале Зоран Заев, Рената Дескоска и Роберт Поповски.

Денеска премиерот Никола Груевски ќе има средба и обраќање пред најголемата политичка група на ЕП, таа на Европските народни партии во која членува ВМРО-ДПМНЕ.