Свет Балкан Без гласови „против“, бугарскиот парламент го избра Росен Жељазков за спикер

Без гласови „против“, бугарскиот парламент го избра Росен Жељазков за спикер

За него гласаа 136 пратеници, 94 беа воздржани, а немаше ниту еден против

Фото: Веб-страница на Народното Собрание на Република Бугарија; https://www.parliament.bg/bg/news/ID/5659

Со гласовите на 136 пратеници од 49-тиот состав на бугарското Собрание, денеска за претседател на законодавниот дом беше избран Росен Жељазков од ГЕРБ-СДС, поранешен бугарски министер за транспорт, информациски технологии и комуникации, јави Бугарското национално радио (БНР).

Поточно, за него гласаа 136 пратеници, 94 беа воздржани, а немаше ниту еден против.
Според претходно постигнатиот договор на двете коалиции ГЕРБ-СДС и Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија, кои ги постигнаа најдобрите резултати на парламентарните избори на почетокот на месецов, Жељазков може да ја напушти функцијата за да го отстапи местото на кандидат на ПП-ДБ, ако овој состав на парламентот работи подолго од три месеца.

Свој кандидат за претседател имаше и националистичката и проруска партија „В’зраждане“ (Преродба), но тој доби 139 гласови „воздржан“, 56 гласа против и 36 гласа за.

Се очекува изборот на претседателот на бугарското Собрание да биде проследен со преговори за коалициска влада во посмирена атмосфера.