Економија Бектеши на самит во Дубаи ги претставил можностите за инвестирање

Бектеши на самит во Дубаи ги претставил можностите за инвестирање

Министерот за економија, Крешник Бектеши во текот на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), остварил средба со министерот за економија на ОАЕ, Султан бин Саед Ал Мансури.

Средбата на Бектеши со Ал Мансури се одржала на маргините на осмото издание на Годишниот инвестициски самит во Дубаи.

„Бектеши и Ал Мансури ја потенцирале потребата од потпишување на меморандум за соработка во сферата на туризмот, со кој би се дефинирале чекорите на понатамошното интензивирање на соработката во овој значаен економски сектор, имајќи предвид дека Македонија има листа на дестинации кои би биле атрактивни за туристи од ОАЕ“, информираат од Министерство за економија.

Со цел поттикнување на инвестициите од ОАЕ, двајцата министри предложиле потпишување на договор за заштита на инвестициите меѓу двете земји.

„Во рамки на официјалната посета на ОАЕ, каде деновиве се одржува осмото издание на Годишниот инвестициски самит во Дубаи, министерот Бектеши оствари средби и со повеќе заинтересирани инвеститори, а во рамки на инвестицискиот самит ги претстави можностите за инвестирање и економската состојба на земјата“, додаваат од Министерство за економија.