Економија Бектеши: Компаниите не се оштетени со замрзнувањето на цената на лебот

Бектеши: Компаниите не се оштетени со замрзнувањето на цената на лебот

Сметаме дека тоа е соодветна цена и може да го прашате секој производител на леб дали со таа цена на брашното и актуелните трошоци 450 грама леб треба да е поскап од 32 денара, вклучувајќи шест денари профит, рече Бектеши

Фото: Принтскрин, Влада на РСМ

На компаниите не им се ускратува ништо, само дополнителниот профит што некои од нив, не повеќе од десетина, сакаат да го прават согласно утврдените планови, изјави министерот за економија Крешник Бектеши, во врска со одлуката да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.

„Сметаме дека тоа е соодветна цена и може да го прашате секој производител на леб дали со таа цена на брашното и актуелните трошоци 450 грама леб треба да е поскап од 32 денара, вклучувајќи шест денари профит што останува кај пекарите. Значи, 32 денара со шест денара профитна маржа од страна на пекарите, пет отсто маржа од трговците или во малопродажба и пет отсто ДДВ“, рече Бектеши.

Владата на денешната седница ја замрзна цената на лебот на 33 денари и ја укина субвенционираната цена на струјата за компаниите.

Замрзнувањето на цената на лебот ќе важи до 31 мај, а ќе стапи во сила откако ќе се објави во „Службен весник“, вечерва или утре. Укинувањето на субвенционираната струја за компаниите, пак, ќе важи од 1 април.

Компаниите од декември лани имаа можност да користат повластена цена на електричната енергија, но потоа анализите покажале дека и покрај ова, тие не ја намалиле цената не лебот.

„Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана струја, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Неоправдно покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече премиерот Димитар Ковачевски.